На пленарната седница во средата, европратениците побараа од Комисијата да ги усогласи и примени заедничките правила на ЕУ за патување за време на пандемијата, нагласувајќи ја важноста од униформни услови за патување.
Во расправа со комесарот на Комисијата Диди Рејндерс за мерките за патување кои ЕУ ги презема во услови на пандемија, повеќето европратеници повикаа на изедначување на мерките за патување, наведувајќи различни ограничувања во земјите-членки.
„Добрата координација на мерките за патување е од големо значење за туристичкиот сектор“, рече Клаудија Монтеиро де Агиар од Европската народна партија, а социјалдемократката Изабел Гарсија Муњоз изрази загриженост за туристичкиот сектор, велејќи дека „работната група за туризам бара уникатни услови за патување во ЕУ“.
На почетокот на февруари, Комисијата предложи да се продолжи употребата на сертификатите за Ковид-19 до 30 јуни, 2023 година, за на патниците да им се осигури патувањето во рамките на ЕУ доколку земјите-членки задржуваат одредени мерки за зачувување на јавното здравје.
Од воведувањето на сертификатите за Ковид-19, земјите-членки имаат издадено повеќе од 1.3 милијарди сертификати.