И Битола доби Европска куќа, која е лоцирана во Офицерскиот дом кој беше реставриран преку проектот за локална и регионална конкурентност. Во рамките на одбележувањето на Денот на Европа од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава, беше отворен овој европски дом, во кој младите битолчани во наредните години ќе создаваат важни мрежи за создавање партнерства на младите со ЕУ, пренесува Мета.
На денешната свеченост присуствуваа вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, евроамбасадорот Дејвид Гир, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, изјави дека Офицерскиот дом во Битола е избран да биде Европска куќа од фактот што ЕУ го цени културното наследство.
„Класичната убавина на Офицерскиот дом и модерната убавина на Европска куќа резултираат електрична хармонија на архитектура, дизајн и публика. Бидејќи ЕУ во нејзиниот најпопуларен слоган вели дека ги обединува различностите. Ги обединува јазиците, културите и историјата“, рече Гир.
За вицепремиерот Битиќи ова е еден среќен ден бидејќи овој реконструиран импозантен објект кој долги години беше запуштен и оддаваше лоша слика денеска освен што претставува објект на кој уживаат не само битолчани, туку и туристите кои доаѓаат во Битола, а ќе биде и прозорецот на младите битолчани кон ЕУ.
Куќата на Европа е вратата и прозорецот на Битола за ЕУ. Во домот на Европа младите битолчани во наредните години ќе креираат важни мрежи за создавање партнерства со младите во ЕУ, и затоа оваа нова куќа на Европа ќе биде отворена за младите, но и за уметниците и другите граѓани, рече Битиќи во неговата порака.
Вицепремиерот Битиќи му се заблагодари на амбасадорот Гир за реконструкцијата на Офицерскиот дом со средства на Европската Унија.
Реконструкцијата на објектот и неговата околина чинеше 59 милиони денари (околу 960.000 евра), од кои 53 милиони денари беа обезбедени од проектот за локална и регионална конкурентност преку ЕУ фондови.
„Европската иднина на нашиот град можеме да ја изградиме само преку создавање на подобри услови и нови можности во кои креативниот потенцијал на младите луѓе ќе продолжи да се развива, надградува и насочува кон реализација на нови идеи и проекти значајни за Битола“, изјави битолскиот градоначалник Коњановски.