Европска недела на мобилност: 19 септември – Ден на зелена достава на поштенските услуги

Делегацијата на Европската Унија, Јуроп хаус и Агенцијата за пошти, најавуваат активности во рамки на Европската недела на мобилност 2024. Активностите ќе се одржат на 19 септември (четврток), под мотото „Ден на зелена достава“, а иницијативата е насочена кон поддршка на одржлива урбана мобилност и заштита на животната средина.

Националниот давател на универзалната услуга АД Пошта на Македонија, како и седум лиценцирани даватели на поштенски услуги : Карго Експрес ДООЕЛ увоз извоз Битола, ДХЛ Експрес Македонија ДООЕЛ Скопје, ИН ТИМЕ МК БПС ДОО Скопје (UPS), ТПЛ Тотал Пост Логистик ДООЕЛ Скопје, ИН ПОШТА РАДЕСКИ ДООЕЛ Скопје, ЕКО ЛОГИСТИК СЕРВИС ДОО Скопје и ВИА ПОСТ ДООЕЛ Скопје, ќе ја поддржат оваа иницијатива преку употреба на еколошки транспортни средства (велосипеди, електрични тротинети, достава пеш итн.), за достава на поштенските пратки до граѓаните.

„Оваа активност ќе помогне во намалувањето на загадувањето и ќе придонесе кон подобрување на животна средина. Воедно, иницијативата ќе се организира и ширум земјата, односно во сите региони каде ќе има достава, а меѓу другите и во дел од градовите од Јуроп хаус мрежата: Скопје, Струмица, Битола, Струга и Тетово“, соопштуваат од Јуроп Хаус.

„Ден на зелена достава“ има за цел да промовира алтернативен и одржлив начин на транспорт, кој е пријателски насторен кон природата и граѓаните, а преку оваа иницијатива, посочуваат од Јуроп Хаус, давателите на поштенски услуги ќе ја покажат и својата општествена одговорност и заложба за подобра мобилност и почиста животна средина.

Европската недела на мобилност е кампања основана од страна на Европската комисија за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност. Оваа иницијатива има за цел да поттикне промени во навиките, промовирајќи активна мобилност, чист јавен превоз, како и други интелигентни транспортни решенија. Главните активности се одвиваат секоја година помеѓу 16 и 22 септември, а завршуваат со популарниот „Ден без автомобили“.

„Секоја година, сѐ повеќе градови се приклучуваат кон оваа иницијатива, која има огромен медиумски интерес и е препознаена како двигател на одржливата урбана мобилност не само во Европа, туку и пошироко“, соопштуваат од Јуроп Хаус.

Меѓу активностите за неделава се и вело-бусот и маалските дружби во организација на „Гоу Грин“, кои се наменети за деца и родители на велосипеди, тротинети, ролери кои заеднички ќе се движат кон училишта и градинки.

„Вело-бусот ќе тргне во 30 минути пред првиот школски од првата постојка и ќе помине низ населбите, застанувајќи на неколку вело-постојки од кои ќе ги земе децата и нивните родители, кои заедно ќе се повозат низ населбите до своите училишта и градинки. Ова е одличен начин да го намалиме метежот од возила, загадувањето и да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот“, велат од „Гоу Грин“.

Вело-бус и маалска дружба со „Гоу Грин“ низ неколку скопски општини