Европската федерација на новинари (ЕФЈ) предупреди дека вештачката интелигенција сѐ повеќе се користи за производство на погрешни визуелни и текстуални содржини, со цел ширење на дезинформации кои би влијаеле на јавното мислење, пренесува Ал Џазира Балканс.
Затоа, како што наведуваат од ЕФЈ, повеќе од кога било е потребно јавноста да развие медиумска писменост за да ги препознае дезинформациите користејќи различни техники и алатки и да го разбере функционирањето на медиумите.
„Вештачката интелигенција ги прави моќните алатки достапни за секого, вклучувајќи ги и злонамерните. Затоа е важно медиумската писменост да се гледа како збир на алатки и техники кои им овозможуваат на корисниците да препознаат дезинформации и да интерпретираат медиумска содржина“, велат од ЕФЈ.
Во наредниот период, според ЕФЈ, Европската заедница за вештачка интелигенција, податоци и роботика треба да разговара со синдикатите и здруженијата на новинари за дизајнирање и развој на алатки за вештачка интелигенција кои би ја олесниле работата на медиумските работници.
„Неопходна е соработка на различни институции, програмери, влади и медиумски издавачи и уредници. Одговорност на редакциите е да се погрижат алатките за вештачка интелигенција да се користат во согласност со новинарските стандарди“, додаваат од Европската федерација на новинари.