Европската федерација на новинари: Европа не затвора новинари со вакви обвиненија!

Срамна е пресудата за новинарот Томислав Кежаровски и вчера им реков на министрите Бесими и Ивановски дека новинар во Европа никогаш не би бил осуден на казна затвор со вакви обвиненија, порача на денешната прес конференција Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутјерес, кој е во Скопје на покана на ЗНМ и ССНМ.

Европската федерација на новинари: Европа не затвора новинари со вакви обвиненија!

Гутјерес порача дека Европската федерација на новинари е загрижена за драстичното опаѓање на слободата на медиумите во Македонија, состојба која ја потврдуваат извештаите на многу организации од Европската унија и Стејт департментот па се до Фридом хаус и Репортери без граници.

„Кои се нашите најголеми грижи? Првенствено тоа е притисокот кој се прави врз поединечни новинари. Имав можност да се сретнам со Томислав Кежаровски, во неговата куќа се разбира и бев изненаден што тој беше многу силен и има голема верба. Сигурен сум дека ја има оваа верба и сила затоа што знае дека е невин. Им реков вчера на министрите Бесими и Ивановски, дека со вакви обвиненија новинар во Европа никогаш не би требало воопшто да се осуди. Во Европа нема новинари во затвор со вакви обвиненија“, рече Гутјерес.

Друга тема на загриженост за ЕФН е и недостатокот на плурализам во македонските медиуми, проблем за кој претставникот на ЕФН разговарал и со министерот за евроинтеграции Фатмир Бесими и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски. Една од причините за овој недостаток на плурализам, според Гутјерес, е токму влијанието на Владата преку владините реклами.

„Ги замолив господата Бесими и Ивановски да го споделат извештајот што го напишаа до Европската Комисија за владините кампањи и реклами, бидејќи не само што новинарите имаат право да знаат за овој извештај туку и сите граѓани на Македонија имаат право да знаат каде одат јавните пари“, додаде тој.

Европската федерација на новинари е загрижена и за работничките права на новинарите, особено поради тоа што многу новинари во Македонија работат без договори, без осигурување, без платени одмори и денови за болест и минимална плата.

„Кога ги набљудуваме извештаите за регионот, гледаме дека состојбата со слободата на медиумите се подобрува во Србија и Хрватска на пример, но се повеќе се влошува во Македонија. Мислиме дека Владата треба и може да одигра улога за да се подобри ситуацијата. Владата би можела да одигра улога да се сопрат судските постапки кои ги малтретираат новинарите заради репресивните закони и Владата би можела да одигра улога во запирањето на рекламирањето кое се користи како алатка за цензура“, рече Гутјерес.

Тој не заборави да ги спомене и законите за медиуми кои ги најави Владата и истакна дека цел час разговарале со министерот Иво Ивановски, во една дискусија која воошто не била лесна.

„На крајот министерот конечно призна дека се уште постои простор за подобрување на предложените закони за медиуми. Јас му кажав дека медиумските закони не би требало да се пишуваат против новинарите туку заедно со новинарите, и тој прифати да се сретне уште еднаш со претставниците на медиумите за да разговара со нив за нашите точки на загриженост, во врска со предложените закони за медиуми и мислам дека ова е позитивен чекор“, додаде Гутјерес.

Европската федерација на новинари е во постојан контакт со Европската Комисија и ЕК редовно ја консултира ЕФН за состојбите во медиумите во европските земји. ЕФН е регионална организација која покрива 39 земји и над 300 илјади новинари. Вкупно има 55 членки а од Македонија нејзини членки се Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинарите на Македонија.

К.О.