Европската Унија е подготвена да разговара за американскиот предлог за укинување на правата на интелектуална сопственост за вакцините против коронавирусот, како дел од напорите што побрзо да се реши кризата предизвикана од пандемијата, пренесува „Н1“.
„Европската Унија е подготвена да разговара за секој предлог со цел решавање на кризата на ефикасен и прагматичен начин. Затоа сме подготвени да разговараме за тоа како американскиот предлог за укинување на правата на интелектуална сопственост за вакцините против Ковид-19 може да придонесат за таа цел“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како што јавува новинската агенција „Хина“, ЕУ заедно со неколку други земји кои имаат силна фармацевтска индустрија, како Швајцарија и Велика Британија досега била против идејата за укинување на патентите за вакцините против Ковид-19.
Први кои и предложија на Светската трговска организација укинување на ваквите патенти се Јужна Африка и Индија, а предлогот беше поддржан од бројни земји во развој.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), минатиот месец биле администрирани 700 милиони дози вакцини против Ковид-19, но само 0.2 отсто од нив биле администрирани во сиромашните земји.