Европскиот совет воведе нови рестриктивни мерки како одговор на руската инвазија на Украина, одлучувајќи итно да го прекине емитувањето на Спутник и РТ („Русија денес“ – РТ на англиски, РТ Обединето Кралство, РТ Германија, РТ Франција и РТ Шпанија) во ЕУ до крајот на агресијата на Украина и додека, како што велат, Руската Федерација и нејзинитe блиски медиуми не престанат да шират дезинформации и манипулации со информации против ЕУ и нејзините членки, јавува „Н1“.
„Систематската манипулација со информации и дезинформации на Кремлин се вклучени како оперативна алатка во нападот на Украина. Тоа е исто така значајна и директна закана за јавниот ред и безбедност на ЕУ. Денеска правиме важен чекор против операцијата за манипулација на Путин и ја затвораме чешмата за руските државни медиуми во ЕУ. Ние веќе воведовме санкции за раководството на РТ, вклучително и главната уредничка Симонјан, и единствено е логично да бидат на мета и активностите што ги спроведуваат овие организации во рамките на Унијата“, рече високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел.
Во соопштението на Европскиот совет се наведува дека Спутник и РТ се под постојана директна или индиректна контрола на руските власти и дека се од клучна важност и инструмент за иницирање и поддршка на воената агресија на Украина, како и за дестабилизација на нејзините соседи.
Истовремено, се додава дека Русија е ангажирана во систематската, меѓународна кампања на дезинформации, манипулации со информации и искривување на фактите со цел да ја зајакне својата стратегија за дестабилизација на соседните земји, ЕУ и нејзините членки.
Европскиот совет укажува дека посебно на мета на дезинформации и манипулација на информации се европските политички партии, особено за време на изборните периоди, кога се во прашање граѓанското општество, руските етнички малцинства, азилантите и функционирање на демократските институции во ЕУ и нејзините членки.
Денешната одлука доаѓа по пакетот мерки што високиот претставник ги објави на 27 февруари на видео-конференција со министрите за надворешни работи на ЕУ.
Пакетот вклучува и обезбедување опрема и залихи за украинската војска преку Европскиот мировен механизам, забрана за летови над територијата на ЕУ и пристап од аеродромите на ЕУ за сите руски авиони, како и забрана за трансакции со руската централна банка и исклучување од СВИФТ системот за плаќање за руски банки.