Европската Унија (ЕУ) ќе усвои директива која вклучува премин кон дигитални возачки дозволи, кои ќе бидат достапни на мобилни телефони или други дигитални уреди, до крајот на 2030 година, пренесе Н1.
Европската комисија соопшти дека ажурирањето на директивата за возачка дозвола ќе ги промени минималните барања за погодност на возачот во земјите на ЕУ и исто така ќе ги усогласи правилата за возачите почетници.
„Новата Директива за возачки дозволи има за цел да го намали бројот на несреќи на патиштата во ЕУ и да го намали товарот на граѓаните и властите поврзани со административните процедури“, се вели во директивата.
Како што се наведува, ќе се спроведува политика која се покажа дека ја зголемува безбедноста на патиштата, со воведување програма за возење со придружба ширум ЕУ за возачи на возраст од 17 години и повеќе.
Исто така е напоменато дека физички верзии на возачката дозвола ќе се издаваат и по индивидуално барање. Нивниот рок на важност ќе биде десет години доколку се користи и како лична карта и 15 години доколку се користи исклучиво како дозвола за управување со автомобили и мотоцикли.
„Овие ажурирани правила за возачки дозволи претставуваат голем чекор напред во модернизацијата на нашиот систем за издавање дозволи и подобрувањето на безбедноста на патиштата низ ЕУ“, рече европскиот комесар за транспорт Апостолос Цицикостас.