Европската Унија подготвува закон кој ќе ги принуди невладините организации, консултантите и академските институции да обелоденат какво било финансирање надвор од ЕУ, како дел од сузбивањето на странското влијание во блокот, потврдија три извори за бриселски Политико.
Планираниот закон кој е во многу рана фаза на подготовка е сличен на законите во Австралија и САД. Во САД, Законот за регистрација на странски агенти, уште од 1938 година бара од лобистите кои работат во име на странски држави да се регистрираат кај федералната влада.
Европската верзија на законот веројатно нема да биде насочена кон поединци, но ќе ги натера и комерцијалните и непрофитните организации ширум блокот да обелоденат финансирање кое не е од ЕУ, а кое се однесува на плаќање академски студии, според еден претставник на Европската комисија кој побарал да остане анонимен.
Европа се бори со низа операции на ширење странско влијание во последните години – од руски кампањи со цел влијание на резултати на избори, до кинески грантови за универзитети кои имаат за цел да ја обликуваат реториката за човековите права, до – неодамнешниот корупциски скандал „Катаргејт“ што го потресе Европскиот парламент.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави пакет за „одбрана на демократијата“ за време на нејзиниот говор за состојбата на Унијата минатиот септември, со кој започна работата на нацрт-законот за странско влијание, предводен од потпретседателката на Комисијата за правда, Вера Јурова.
Сепак, критичарите го оценуваат тајмингот како незгоден. ЕУ ја интензивираше работата на предлогот токму кога во Грузија избувнаа протести поради сличен нацрт-закон, кој ќе ги принуди организациите да се регистрираат како „агенти на странско влијание“ доколку повеќе од 20 отсто од нивното финансирање доаѓа од странство.
Дека се работи за многу чувствително прашање покажуваат и реакциите на невладините организации на прелиминарниот прашалник кој го испрати Европската комисија, а кој треба да биде вклучен во оцената на влијанието како дел од изработката на законот.
Според копија од прашалникот до кој Политико имал пристап, од испитаниците веќе било побарано да наведат детали за изворите на финансирање кои се надвор од ЕУ.
Прашањето околу финансирањето изненади многумина, изјави Ник Ајоса од организацијата Транспаренси интернешнл, додавајќи дека „прашањата сугерираат дека проценуваат дали Транспаренси интернешнл е закана за демократијата“.
Некои невладини организации изразија загриженост дека доколку ЕУ продолжи со својата верзија на американскиот Закон за регистрација на странски агенти, некои моќници, како што е унгарскиот премиер Виктор Орбан, би можеле да го искористат за да ги потиснат продемократските сили во нивната земја.
Со цел да ги отфрли тие стравови, комесарката Јурова ќе има серија состаноци со групи од граѓанското општество оваа недела, рече неименуваниот функционер.