Преговарачите на Советот на ЕУ и Европскиот парламент денеска постигнаа договор за Законот за клима, според кој Унијата до 2030 година ќе ги намали емисиите на стакленички гасови за 55 отсто во однос на 1990 година, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
„Воодушевена сум што постигнавме договор за овој клучен елемент на Европскиот зелен план. Нашата политичка определба е до 2050 година да станеме првиот климатски неутрален континент, кој сега исто така е законска обврска“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Според постигнатиот договор, целта за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година ќе биде 55 проценти, во однос на сегашните 40 проценти.
Договорот ја потврди позицијата на Европскиот совет, кој во декември минатата година го поддржа предлогот на ЕК за намалување од 55%, додека почетната позиција на Европскиот парламент беше 60%.
„Денешниот договор исто така ја зајакнува нашата глобална позиција како лидер во справувањето со климатската криза. Кога светските лидери ќе се соберат на Денот на планетата Земја, ЕУ ќе излезе со оваа позитивна вест за која се надеваме дека ќе ги инспирира нашите меѓународни партнери. Ова е добар ден за нашиот народ и нашата планета“, рече извршниот потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс.
Во преговорите меѓу претставниците на земјите-членки и Европскиот парламент во последните неколку месеци немаше никаков напредок, се до последниот состанок, кој започна вчера, рано попладне, а заврши во 5 часот утрово.
Законот сега треба формално да биде одобрен од Советот и Европскиот парламент.