Европската Унија рано утринава постигна клучен договор чија цел е да го контролира говорот на омраза, дезинформациите и другите штетни онлајн содржини, што треба да ги принуди големите технолошки компании да вршат построг надзор, да им олеснат на корисниците да укажуваат на проблемите и да ги оснажи регулаторите да го казнат непочитување на законот со големи казни, пренесува „Данас“
Претставници на ЕУ конечно постигнаа начелен договор рано утринава за последните детали од Законот за дигитални услуги (Digital Services Act – DSA), кој ќе ги промени онлајн правилата во 27 земји-членки и ќе ја зајакне репутацијата на Европа како водечки лидер во ограничувањето на моќта на социјалните мрежи и други дигитални платформи, како што се Фејсбук, Гугл и Амазон.
„Со овој закон доаѓа крајот на времињата кога големите онлајн платформи се однесува како да се ‘преголеми за да се грижат’“, рече европскиот комесар за внатрешни пазари Тиери Бретон.
Потпретседателката на Европската комисија Маргарет Вестагер додаде дека договорот гарантира дека платформите се одговорни за ризиците што нивните услуги можат да ги претставуваат за општеството и граѓаните.
Ова е трет важен закон во ЕУ насочен кон технолошката индустрија, за разлика од САД каде лобистите кои ги застапуваат интересите на Силиконската долина во голема мера успеаја да ги држат законодавците подалеку.
Новите регулативи на ЕУ насочени кон заштита на корисниците на интернет и нивните „фундаментални права на интернет“ треба да ги доведат технолошките компании до тоа да бидат поодговорни за содржината која ја создаваат корисниците, подобрена со алгоритмите на нивните платформи.
Бретон рече дека ќе бидат предвидени голем број казни за да се почитуваат нивните закони.
Законот ѝ дозволува на Европската комисија да следи многу големи платформи и ѝ дава можност да воведе ефективни санкции во вредност до 6% од глобалниот обрт на компанијата, па дури и да забрани активност на единствениот пазар на ЕУ, доколку се повторат сериозни прекршувања, кажа Бретон.
Начелниот договор е постигнат помеѓу Европскиот парламент и земјите-членки. Тие институции сега треба официјално да го одобрат, но тоа не би требало да претставува политички проблем.