Гладот се користи како оружје во војната во Газа, тврди шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел кој го опиша недостигот на помош што влегува во Газа како „вештачка“ катастрофа, јавува Би-Би-Си.
Шпански брод со очајно потребните резерви на храна тргна од Кипар за Газа, но од ОН велат дека тоа не може да ја замени испораката на помош по копно.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе продолжи со офанзивата во јужниот дел на Газа.
Најбрзиот и најефективен начин да се испорача помош до територијата е по копно, но хуманитарните агенции велат дека израелските рестрикции значат дека само дел од тоа што е потребно влегува во Газа.
Наместо тоа, вниманието се насочи кон алтернативни правци, вклучувајќи испорака на помош преку море и воздух.
Конвој на Светската програма за храна на ОН вчера ја искористи копнената рута за да испорача помош во северниот дел на Газа за прв пат по три недели.
Камионите користеле израелски воен пат што поминува по граничната ограда на Газа, изјави за Ројтерс Џејми МекГолдрик, координатор за помош на ОН за окупираната палестинска територија.
Доволно храна за 25.000 луѓе беше испорачана во градот Газа, а портпаролката на Светската програма за храна Шаза Мограби рече дека се надеваат дека ќе ги „зголемат“ испораките, но дека „треба пристапот да биде редовен и конзистентен“.
Израел вели дека не е виновен за недостигот на храна во Газа бидејќи дозволува помош преку два премини на југ.
Обраќајќи се пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк, Борел рече дека хуманитарната криза на територијата е резултат на недостатокот на копнени патишта.
Неговите коментари доаѓаат откако ОН предупредија дека најмалку 576.000 луѓе во Газа, односно една четвртина од населението, се на чекор од глад.