Европската унија воведе санкции за 40 функционери од Белорусија, оттаму одговорија реципрочно, со нивна листа на санкции

Европската унија се согласи да воведе санкции против 40 белоруски функционери, кои ги обвинува за мешање во изборите и кршење на човековите права во земјата, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пренесува српски „Н1“.

Мишел на Твитер објави дека лидерите на ЕУ се согласија да ги спроведат санкциите без одлагање и изјави дека претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко не е на списокот, но дека ЕУ „ќе ја следи ситуацијата“.

„Повторивме дека граѓаните на Белорусија имаат право да ја изберат својата иднина“, рече Мишел.

Тој додека дека ЕУ ќе продолжи да вложува напори да ги поддржува важните вредности како што се слободата на печатотот, на говорот и на граѓанското општество.

„Се залагаме за сеопфатен дијалог за Белорусија, го поддржуваме ОБСЕ кој може да има важна улога во потрагата по поконструктивен пристап“, истакна Мишел.

ЕУ не ги признава резултатите од изборите во Белорусија, на кои Лукашенко го освои шестиот мандат, оценувајќи дека тие не биле ниту слободни, ниту фер и не ги исполнуваат меѓународните стандарди.

Од друга страна, белоруското Министерство за надворешни работи состави листа на луѓе на кои им се забранува влез во Белорусија како одмазда за санкциите од Европската унија, пишува „Ал Џазира Балканс“.

„Белорусија воведува список на санкции како одговор на наметнатите од ЕУ“, рекоа од ресорното министерство, додавајќи дека листата нема да биде јавно објавена.

Кремљ оцени дека санкциите на Европската унија воведени против Минск се „повеќе доказ за слабоста (на Европејците) отколку нивната сила“.

„Знаете дека генерално сметаме дека политиката на санкции е лоша“, рече порптаролот на Кремљ Дмитриј Песков, додавајќи дека е „позитивно“ тоа што Лукашенко лично не е опфатен со санкциите.

По претседателските избори, Белорусија ја тресат протести на кои повеќе од 12 илјади луѓе беа уапсени, откако Лукашенко е прогласен за убедлив победник, а за кои опозицијата вели дека се лажирани.