Романските власти покренаа истрага по обвиненијата дека најголемата мечка во земјата, Артур, била убиена во март од страна на европски принц.
Според официјални ловечки документи кои ги виделе новинарите од Асошиејтед Прес принцот Емануел од Лихтенштајн добил дозвола за лов во пределот Ковасна во Романија и дека на 13 март тој застрелал 17-годишна кафеава мечка, за што наводно платил 7.000 евра. Сепак, според локалната невладина организација „Зелен Агент“ дозволата која му била дадена на принцот била за застрелување на мечка женка која правела штети по локалните фарми, пренесува Еуроњуз.
„Артур имаше 17 години и беше најголемата мечка забележана во Романија, веројатно и најголемата жива мечка во Европската Унија. Чудно е како принцот можел да помеша женка со млади кои доаѓаат кон селото со огромен мажјак кој живее длабоко во шумата“, стои во соопштението на невладината организација.
Романија е дом на една од најголемите популации на кафеави мечки во Европа, околу 6.000 и официјално го имаат забрането ловот за трофеј-животни во 2016 година. Во моментов дозволен е само лов на „проблематични“ мечки кои нанесуваат штета на локалното население.
Од романското министерство за екологија изјавиле дека за случајот е покрената истрага и дека сите документи ќе бидат разгледувани од полицијата.
Медиумите не успеале да го контактираат принцот од Лихтенштајн, а швајцарски весник добил изјава во која принцот рекол дека нема да дава никакви коментари за случајот.
Убиството на мечката се случило во заштитено подрачје Натура 2000, што претставува локација од особен природен интерес каде што се наоѓаат некои од најзагрозените и највредни животни во Европа, заштитени со европското законодавство.