Од денеска па се до 30 септември во Крушево ќе се одржи 22. Меѓународна младинска конференција насловена „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“ во организација на Младински Сојуз.
На конференцијата ќе присуствуваат повеќе од 100 активни млади лидери од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Италија, Романија, Србија, Словенија, Германија и Франција.
„Овој настан се случува во многу клучно време за младите луѓе од регионот, покривајќи ги најгорливите и актуелни теми кои директно ги засегаат, меѓу кои спаѓаат: актуелни политички движења и избори, радикализација, дигитална трансформација и иновации, вештачка интелигенција, регионална економска стабилност, претприемништво и вработување, регионално поврзување и инфраструктура, и многу други“, велат организаторите.
Според агендата, на конференцијата своето знаење и искуство ќе го споделат Кевин Мааз, раководител на одделот за односи со јавност во Германската амбасада; Ана Чернишова, заменик амбасадор на УНДП; Виолета Булц, поранешна Еврокомесарка за транспорт и поранешна Заменик премиерка на Словенија; Добрица Веселинович, пратеник во Собранието на Република Србија; Сергеј Попов, пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, проф. д-р Кристијан Луканов од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Бугарија, како и многумина други.
Настанот е поддржан од Министерството за надворешни работи на Германија, а во рамките на проектот „Поддршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, кој е финансиран од Европската унија (ЕУ), а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).