Со 328 гласа „за“ и 255 „против“, Европскиот парламент го усвои механизмот со кој се овозможува привремено воведување на визен режим за земјите од ткн. Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија. Европарламентарците водеа бурна расправа за овој механизам, кој беше критикуван од страна на социјалистите, социјалдемократите, либералите и партиите на зелените поради тоа што тој го ограничува движењето на граѓаните низ Европа.
Документот се вика „механизам за суспензија на безвизниот режим за трети земји во итни ситуации и во случај на злоупотреба на постоечкиот систем“, а тој нуди можност во кое било време да се вратат визите за граѓаните на Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија и Србија, доколку така одлучи Европскиот парламент.
Според денеска изгласаното, доволно е земјата-потписник на Шенгенскиот договор со писмо да ја извести Европската комисија дека состојбата со азилантите се влошува. Потоа, тим на експерти ќе ја проценуваат состојбата, по што ЕК дава предлог, а земјите-членки ја усвојуваат одлуката за суспензија на безвизниот режим за конкретната земја.
Предвидено е во вакви ситуации првичната суспензија да трае шест месеци, по што би се правела повторна проценка.
Механизмот го поддржаа пратеници од десничарската групација на пратеници од Европска народна партија. Според најновите извештаи, бројот на лажни азиланти од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина во последно време значително опаднал, благодарејќи на мерките на одвраќање од злоупотребата на безвизниот режим кои ги спроведоа овие земји.
Како што пред неколку дена појасни европратеникот Јелко Кацин, оваа мерка ќе може да се користи само до 2016, кога земјите-членки на ЕУ ќе го изгубат правото да воведуваат ограничувања на Шенгенскиот договор.
Извор: Б92