Повеќе од 30.000 тони гориво се излеа, по што делови од Атлантскиот океан се обоија во црно. Ова беше една од најлошите еколошки катастрофи во Франција што го привлече вниманието на Европската Унија (ЕУ) на екоцидот, што буквално значи убивање на животната средина, пренесува Данас.
Речиси 25 години по овој немил настан, Европскиот парламент го усвои предлогот за вклучување на екоцидот во Директивата за заштитата на животната средина преку кривичното право. Во новиот предлог на пратениците, претставен минатата недела, вклучена е и законската дефиниција за екоцид и релевантните концепти.
„Ситуацијата на полето на животната средина на нашата планета е повеќе од критична. Неопходна е нова ера на правото. Екоцидот претставува револуционерно правно средство од суштинска важност за животната средина“, рече пратеничката Мари Тусан.
Доколку ова ниво на амбициозност се задржи и за време на претстојните преговори со земјите-членки и Европската комисија, земјите ќе мора да го признаат екоцидот во нивното национално законодавство.
Според нацртот на Европскиот парламент, сериозната штета предизвикана на квалитетот на воздухот, почвата или водата, биодиверзитетот, екосистемските услуги и функционирањето, животните или растенијата треба да се смета како кривично дело со посебна тежина.
Прекршителите, без разлика дали се компании или поединци, би биле санкционирани во согласност со правните системи на земјите-членки, а санкциите би можеле да бидат парични или затворски казни.
Активистите го поздравија можното додавање на екоцидот на листата на казниви кривични дела во ЕУ. Сметаат дека носењето на Законот за екоцид ќе се преточи и во другите земји, како и дека ќе го отвори патот екоцидот да стане амандман на Римскиот статут за Меѓународниот кривичен суд. Целта на активистите е да се признае екоцидот како петто меѓународно злосторство покрај постојните четири – геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и злосторства против мирот – агресија.