Европскиот суд на правдата ги отфрли приговорите од Унгарија и Словачка околу политиката на задолжителни квоти за прием на бегалци на Унијата. Пресудата е победа за Брисел, Париз и Берлин, пренесува Дојче Веле.
Пресудата значи дека Унгарија и Словачка можат да бидат казнети доколку одбијат да се придржуваат до системот на квоти. На одлуката се гледа како на победа на имиграциската политика на ЕУ, која ја подели Унијата откако скоро 1,7 милиони луѓе од 2014 година пристигнаа од Блискиот Исток и Африка.
Полска, Словачка, Чешка и Унгарија не се согласуваа со задолжителниот систем на квоти на прием на бегалци, со изговор дека тоа го нарушува нивниот суверенитет и претставува закана по нивните општества.
Правниот процес беше поддржан и од Полска, која покрај Унгарија не прифаќаше азиланти. Словачка и Чешка примија само неколку десетици баратели на азил.
Само 24.000 од 160.000 бегалци од бреговите на државите од Медитеранот како Грција и Италија биле пренесени во другите членки на ЕУ според планот за распределба на бегалскиот бран според квоти, договорен во 2015 година.