Европскиот суд за човекови права ја осуди Италија за загрозување на животите на луѓето со илегално одлагање токсичен отпад во регионот Кампанија, што доведе до зголемување на бројот на заболени од рак и загадување на подземните води, пренесува Н1.
Со пресудата е утврдено дека државата е виновна за кршење на правото на живот на граѓаните со тоа што не „се позанимавала со проблемот на распространетото одлагање на отпадот“ на приватно земјиште кое „често го прават организирани криминални групи“ во област каде живеат околу 2.9 милиони луѓе.
Во областа е забележано зголемување на стапката на рак и загадување на подземните води, соопшти судот.
„Судот конкретно утврди дека италијанската држава не успеала да се справи со таква сериозна ситуација со потребното длабинско внимание и експедитивност, и покрај тоа што знаела за проблемот долги години, особено во проценката на проблемот, спречувањето на неговото продолжување и комуникацијата со јавноста“, се вели во судското соопштение.
Случајот беше поднесен од страна на 41 жител на провинциите Казерта и Неапол и пет регионални организации со седиште во Кампанија. Владата сега има две години да „развие сеопфатна стратегија“ за решавање на проблемот со нелегалното одлагање отпад во Кампанија, вклучително и воспоставување „независен механизам за следење“.
Ова не е првпат Европскиот суд да ја осудува Италија за несоодветно управување со опасниот отпад, особено во регионот Кампанија, каде мафијата Камора одигра значајна улога во нелегалното депонирање на отпадот, потсетува бриселскиот портал Политико.