Европското првенство во танци 2022 започнува во сабота (2 јули) како натпревар што ќе ги обедини најдобрите танчери од Европа, а ќе се одржи во Скопје, поточно во „Ист Гејт Мол“ и Спортскиот центар Јане Сандански.
На првенството ќе учествуваат над 3.000 танчери од Србија, Црна Гора, Италија, Молдавија, Велика Британија, Турција, Словенија и многу други држави кои, како што се вели во најавата, ќе ги покажат своите најдобри потези за да се претстават себеси, својата екипа и својата земја преку хип-хоп битки. Битките ќе се одвиваат под добронамерен поглед на реномирано жири, најавуваат организаторите.
„Европското првенство во танци 2022 ќе биде искуство со нон-стоп музика, танцување и добри вибрации. Скопје, како домаќин на Европското првенство во танци 2022 ќе спои танцови уметници и кореографи од цела Европа за да го споделат најдоброто од хип-хипот со публиката, а во недела (3 јули), во склоп на првенството, Сара Јовановиќ, позната како Сара Jо, која е една од најпрепознатливите имиња на регионалната поп и хип-хоп сцена ќе направи спектакл за памтење“, најавуваат организаторите.