Пандемијата со коронавирусот го прекина долгогодишниот раст на очекуваниот животен век, кој во повеќете земји-членки на Европската Унија (ЕУ), според податоците од 2020 година, е пократок во однос на претходната година, објави вчера Европската агенција за статистика Евростат, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Најголемо намалување на очекуваниот животен век при раѓање, во споредба со 2019 година е забележано во Шпанија, односно 1.6 години помалку, потоа Бугарија, 1.5 години помалку и Литванија, Полска и Романија со 1.4 години помалку. Просечниот животен век во Словенија е скратен за една, а во Хрватска за 0.8 години.
Од 30 земји опфатени со статистичката операција (сите членки на ЕУ, освен Ирска, а плус Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн), само во Норвешка, Данска и Финска се очекува подолг животен век за 0.3 години, односно 0.1 година.
Според податоците за 2020 година, во повеќето земји-членки на ЕУ, мажите се малку повеќе погодени во однос на скратувањето на животниот век. Најголемо намалување на очекуваниот животен век кај мажите е забележано во Бугарија, -1.7 години, Латвија и Полска, -1.5 години и Шпанија и Романија, -1.4 години.
Во ЕУ, очекуваниот животен век при раѓање постојано се зголемуваше во последните децении. Според официјалните статистички податоци, до 60-тите години на минатиот век тој растел во просек за повеќе од две години во декада.
Сепак, неодамнешните податоци сугерираат дека очекуваниот животен век во последните неколку години се скратува во неколку земји-членки.