Граѓанската организација Евротинк – Центар за европски стратегии го имплементира проектот „Општина Бутел отворена за младите“, во чии рамки е предвиден прашалник, според кој ќе се изгради локалната младинска стратегија во Општина Бутел.
Предвидено е онлајн-истражувањето да опфати 600 испитаници кои влегуваат во рамките на категоријата млади (15 – 29 години) дефинирана со Законот за младинско учество и младински политики.
„Доколку припаѓаш на категоријата млади од 15 до 29 години, вклучи се во процесот на креирање на младински политики во твојата општина и одговори го прашалникот. Добиените податоци од одговорите, ќе ги создадат наодите кои се однесуваат на перцепцијата, потребите и можното учество на младите при создавање и спроведување на Локалната младинска стратегија 2023 – 2027“, велат од Евротинк.
Оттаму дополнуваат дека наодите од истражувањето ќе се користат во креирањето на Стратегијата од страна на членовите на работната група.
„Вашите одговори на овој прашалник ќе помогнат да се добие перцепција и појасна слика за тоа каква е состојбата на младите во осум приоритетни области предвидени со Националната стратегија за млади 2016-2025“, велат од Евротинк.
Прашалникот е достапен на македонски, албански и турски јазик.