Првиот хедлајнер од музичката програма на Баскер Фест 2013 – регионалниот хардкор-даб феномен EYESBURN го потврди својот настап во рамките на осмото издание на најголемиот уличен фестивал во регионов – Баскер фест. Групата имаше одлична година зад себе, со многу концерти и нов материјал, како „Sudden Fall“ и „Hold This Way“ кои го најавуваат новиот албум на бендот, а ова е дополнителен повод за гостување и гаранција за одличен концерт во Скопје.
Eyesburn доаѓаат на 23 јуни, со концерт кој ќе и ги претстави на публиката новите магични музички формули, како и отворањето на ново поглавје во работата на бендот чија порака и енергија најдобро се чувствува токму на нивните настапи во живо.
Баскер Фест годинава ќе се одржи од 14 до 23 јуни на повеќе локации низ Скопје и со досега најбогата фестивалска програма. Фестивалот и оваа година се одвива во организација на „Уан Веј“ (One Way), а под покровителство на Град Скопје.