Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје оваа година одбележува 45 години од своето основање. Сите активности на ФЛУ до крајот на 2025 година ќе се случуваат во чест на јубилејот со официјален датум 31 март, посочуваат оттаму.
Оваа недела, од 18-20 февруари, на ФЛУ ќе се одржи работилница под наслов „Од дијагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење на уметнички дела“ наменета за студентите на ФЛУ. Тридневната работилница е организирана во соработка со Катедрата за конзервација на антиквитети и уметнички дела, на Универзитетот на Западна Атика од Атина, а со поддршка на Еразмус + и УКИМ.
Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј е ретроспективната изложба на 3 април во Музејот на современа уметност – Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички, ќе го претстават богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи го континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
„Овој јубилеј претставува повод не само да се потсетиме на нашето културно наследство и да ја прославиме нашата уметничка историја, туку и да ги препознаеме сите генерации уметници кои со своето творештво оставиле трајна трага во културниот пејзаж на Македонија и пошироко. Факултетот за ликовни уметности отсекогаш бил место на слободна мисла, креативна експресија, критичко размислување и постојано истражување на нови уметнички хоризонти,“ истакна деканката на ФЛУ, Славица Јаншлиева.
Ретроспективна изложба што ќе се одржи во Музејот на современа уметност ќе биде симболичен приказ на развојот на ФЛУ низ децениите. Изложбата, како што е најавено, ќе вклучува дела на сите досегашни професори, претставувајќи го богатството и разноликоста на уметничките практики што ги развивале во своето творештво, а преку работата со студентите ги пренесувале и во рамките на наставата на факултетот.
„Посетителите ќе имаат можност да видат дела што го документираат развојот на македонската современа уметност, почнувајќи од класичните техники во сликарството, графиката и скулптурата, па сè до авангардни инсталации, визуелни комуникации и дигитална уметност“, велат од ФЛУ.
Факултетот за ликовни уметности е формиран во 1980 година, како резултат на потребата за создавање високообразовна институција која ќе одговара на растечките културни и уметнички потреби на Македонија. Основан како дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ФЛУ веднаш стана центар за образование на нови генерации уметници, теоретичари и културни работници. Во текот на 45-годишното постоење, редовните додипломски студии ги завршија 1530 студенти, а постдипломските студии ги завршија 323 студенти.