Денеска изложба и крводарителска акција во чест на Тоше Проески, утре и ѕвездено небо за македонската ѕвезда која трагично загина во сообраќајна несреќа пред речиси 6 години. Годинава фановите се соочија со многу проблеми откако настанот „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“ кој традиционално се одржува на 5 октомври, се поклопи со ,,Белата ноќ“. Плоштадот каде што изминатите години се одржуваше концертот беше зафатен, а по бројните проблеми на кои наидоа, фановите решија да направат компромис и да го одложат за следниот ден.
„ Бевме разочарани поради таквата одлука, но не се откажавме од желбата да го исполниме аманетот и овој пат, се надеваме дека на сите фанови и почитувачи на Тоше нема да им смета промената или тоа што за еден ден го поместивме настанот. Сепак најубав одговор на ова прашање ќе добиеме во недела кога повторно се надеваме дека ќе не сплотат неговите песни. Дојдете, да ја исполниме неговата желба, секоја година да не има во што поголем број. Сите заедно да го видиме видео материјалот од повеќе концерти и настапи на Тоше. Тагата никогаш нема да запре, но неговата големина секогаш ќе ги грее нашите срца,“ вели Марина Костова член на Фан Клубот.
Фан Клубот на Тоше од Скопје во соработка со Меѓународната фондација „Тодор Проески“ и Црвениот Крст на Град Скопје во просториите на Домот на АРМ денеска од 9 до 18 часот ја одржува веќе традиционалната крводарителска акција „Јас штотуку спасив живот, а Вие?!“ . Пропратно со крводарителската акција се одржува и изложба на уметнички слики со ликот на Тоше од младиот уметник Александар Поповски од Битола.
Музичкиот хепенинг ,,Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“ се одржува петта година, а од Фан клубот се надеваат дека догодина нема да се соочуваат со вакви или слични проблеми.
„Околу датумот отстапка направивме само годинава. Се надеваме и посакуваме дека веќе следната година и секоја наредна година за овој датум навреме ќе ги добиеме сите дозволи кои ни се потребни од надлежните институции. Односно 5-ти Октомври за сите да биде синоним за Тоше и неговото најпосакувано Ѕвездено небо.“ велат од Фан клубот.
Наталија Јосифоска