Дождливото време не ги спречи фановите да продолжат со забавата. Денот 2 на овогодинешното издание на Сигет фестивалот го одбележаа фантастични настапи, без разлика за која сцена станува збор.
Од поголемите сцени, на Главната сцена беа ,,Bastille”, ,,Lily Allen” и ,,Macklemore & Ryan Lewis”, додека пак на А38 сцената настапија ,,Irie Maffia”, ,,Bonobo”, ,,Stromae”и ,,Kavinsky”.
Од раните утрински часови, па се до 16 часот, дождот ја одложи забавата, но калта не ги спречи луѓето да продолжат со забава после тоа. На Главната сцена како први изведувачи се појавија ,,Mary PopKids”, но со нетрпение се очекуваше настапот на младите ,,Bastille”. Со самото излегување на сцената, предизвикаа одлична позитивна атмосфера. Отворија со песната Bad Blood, а низ целиот нивни настап го отсвиреа скоро целиот нивни албум, како и нивните преработки на песните ,,Scrubs”од ,,TLC”и ,,Rhythm is a dancer” од ,,Snap!”.
Пред бисот, пејачот ,,Dan” се симна да се поздрави со публиката и се качи на кулата каде што е тон мајсторот и на средина во целата толпа од највисоката точка од саат кулата, тој го продолжи својот настап. Настапот го завршија со најголемиот нивен хит ,,Pompeii”, на која што на барање на пејачот ,,Dan”, сите ги извадија своите кабаници и на рефренот ги мафтаа во воздух.
Еден од двата настапи поради кои беше овој ден комплетно распродаден беше настапот на ,,Macklemore & Ryan Lewis”, кој започна молскавично. Експлозии, огнови и многу конфети низ целото негово шоу. Беше во комбинација со придужни музичари на сцена и низ настапот менуваше облека. Публиката едноставно полуде кога ги изведe мега популарните ,,Thrift Shop”и ,,Can’t Hold Us”, додека пак пред да ја изведе ,,Same Love”, одржа фантастичен говор за тоа дека сите сме исти и сите имаме право на избор да бидеме со кој сакаме.
Другиот настап кој беше распродаден беше настапот на белгиската музичка сензација ,,Stromae” на А38 сцената. Уште во текот на денот беше најавено дека поради преголемиот интерес, сите што сакаат да го гледаат неговиот настап да дојдат најмалку 30 минути порано, но ако не успеат да влезат, надвор ќе има поставено видео бим на кој ќе може истото да го проследат.
Се до самата ограда кај видео бимот просторот беше исполнет со сигетанци со што и во моментот кога го започна неговиот настап беше забрането повеќе да влегуваат луѓе (како што минатата година беше истиот случај на истата сцена со артистот ,,Woodkid”). Настапот го започна со хитот ,,Ta fête”, и публиката доживеа екстаза. Низ текот на неговиот настап ги изведе сите негови хитови, како што се ,,Tous les mêmes”, ,,Formidable”и,,Ave Cesaria”. Пред да ја изведе ,,Humain à l’eau”, на видео бимот позади сцената се појавија човечки фигури и ,,Stromae” побара да го следи целата публика. Прво сите се свртеа на лево, па на десно и на крај им рече да почнат да маршираат. Во тој момент почна цела сала да се тресе и на рефренот на песната сите почнаа да скокаат. Неговиот настап го заврши со двата најголеми негови хитови ,,Papaoutai”и ,,Alors on Danse”. Со сево ова, како и преголемиот интерес,,,Stromae” покажа дека ЗАСЛУЖИ да биде како главен изведувач на Главната сцена… Од кои причини не беше, никогаш нема да дознаеме.
Денеска на програмата има исто така одлични изведувачи. На Главната сцена се ,,CeeLo Green”, ,,Manic Street Preachers”и ,,Korn”, додека пак на А38 се ,,Band of Skulls”, ,,Kelis”, ,,Klaxons”и многу други.
За Радио МОФ од Будимпешта,
Николај Митрески и Ана Ристевска