„Црни, бели, калеши, жолти, заборавете на старите кавги. Штом муабет почнете со луѓето здружни, набрзо сите ќе бидеме сложни”
Со муралот на фасадата на киното „Партизан“ во Битола, кој ја пресликува Песна за солидарноста, на Бертолт Брехт, се отвара годишната програма по повод јубилејното 15-то издание на АКТО фестивалот за современа уметност. Муралот го направи КУРС колективот од Белград, а неговата изработка е во продукција на Факултет за работи што не се учат (ФР~У), во партнерство со Народен Театар Битола.
„Избраните стихови јасно говорат дека пораката која ја праќа ова најново уметничко дело е онаа на заедништво, солидарност и меѓусебно разбирање на луѓето, вредности за кои се залагаат авторите на ова дело.
Во општество каде ксенофобијата, национализмот и дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество“, стои во соопштението на АКТО.
Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. Освен во Битола, мурали ќе се сликаат во Скопје – на Домот на култура во Ченто, во Гевгелија, Прилеп, Штип, Велес и Кочани.