Британскиот диџеј Fatboy Slim, еден од најголемите диџеи на сите времиња, со портфолио на домаќин на најголемите електронски журки во историјата на човештвото, ќе ја отвори Денс-арената на фестивалот EXIT годинава. U2, Madonna и Beastie Boys се само дел од имињата со кои соработувал овој великан, а престижното списание „Q“го смести на листата на „50 изведувачи кои морате да ги видите пред да умрете“.
Norman Cook е еден од клучните луѓе кои со својата работа на крајот на минатиот век го отворија патот на денс музиката кон мејнстрим културата, од која денес таа е неизбежен дел. Во историјата на електронските журки, ќе останат запаметени неговите настапи на плажите во Брајтон и Рио де Жанеиро, на кои присуствуваа четвртина милион луѓе, а полицијата дури мораше да го попречи доаѓањето на уште поголем број обожаватели на оваа суперѕвезда.
Досега својот настап на EXIT го потврдија: Atoms for Peace, Snoop Dogg aka Snoop Lion, Bloc Party, DJ Fresh Live, Seth Troxler, Dubfire, Friction, Pan-Pot, Matador live, SubbAn b2b Adam Shelton, Apollonia & Deniz Kurtel, Skism, Brookes Brothers, Inspector Dubplate, Dub Phzsics и The Prototypes.
Организаторите најавија дека деновиве ќе објават и нови имиња кои ќе настапат на 13-то издание на EXIT, кое ќе се одржи од 10-14 јули на добро познатата локација – Петроварадинската тврдина во Нови Сад.