„МПЦ-Охридска Архиепископија сака да го одземе насилно планинарскиот дом Матка во свое владение, употребувајќи административно – бирократски манипулации, на кои кои за жал кумуваат и државни институции, како што се Агенцијата за Катастар и судската власт“, обвини денеска претседателот на Федерацијата на планинарски спортови на Република Македонија, проф. Др. Јовица Угриновски.
Тој на дененшната прес-конференција истакна дека планинарите и Федерацијата повеќе од 75 години го развивале домот, кој како што рече, преставува не само планинарски, туку и спелеолошки и алпинистички центар од витално значење за љубителите на природата и спортот.
„Неправадата која им се нанесува, за жал не е санкционирана, ниту од надлежните инстанци“, рече тој.
„Македонската Правослвна Црква бараме во духот на православието, јавно да изјави, по кој основ бараат своја соптвеност врз Планинарскиот дом? Го добиле по пат на наследство, имаат извршено купо – продажба или го добиле на подарок и од кого? Повеќе од 75 години Матка е дом не само на регистрираните планинари и членки на Федерацијата, тоа е дом на сите вистински љубители на природата, планината и спортот. Црквата до сега нема ниту едно камче ставено во објектот, напротив сите планинари и верници се грижеа сиве овие години за околината и самата црква Св. Андреа. Федерацијата заедно со своите над 30.000 членови нема намера до попушти под притисокот на било која институција и било која функција. Како што сме верни на природата, остануваме верни на принципите и на правичноста, во овој случај“, вели Угриновски.
Повикувајќи се на документи и фотографии направени од 1938 година наваму, Угриновски хронолошки и детално објасни како Федерацијата го добила планинарскиот дом „Матка“ на владеење и само поради една катастарска грешка денес и е доделен на МПЦ – ОА.
„Од 1940 година домот „Матка“ е доделен на планинарите, по војната во средината на 60.те години е земен под владение од планинарите и во следните години е дограден, реновиран. Во 1987 година домот е преземен од Спелеолошко друштво Пеони. Во 2008 година добиен е поседовен лист од Катастарот. Во 2009 година, одеднаш, преку ноќ, Комисијата за денационализацијата, планинарскиот дом го преименува во конак. Две години подоцна, на 15.11 издаден е документ од Катастар на кој планинарскиот дом „Матка“ е во сопственост на ФПСМ, а само еден ден подоцна од истата државна институција излегува поседовен лист на има МПЦ – ОА. На 15 еден сопственик, на 16 друг. На ова и Коперфилд може да позавиди, како со волшебно стапче Катастарот врши промена на сопственост“, рече претседателот на Федерацијата.
Тој соопшти дека успеале барем времено да го спречат одземањето на домот „Матка“ од МПЦ – ОА и ја повикаа Црквата да кажат по кој основ стануваат сопственици.
„Ја повикувам МПЦ да дадат само една изјава, на кој начин станале сопственици на домот. Дали го купиле, наследиле, изградиле, добиле на подарок, јас ја поднесувам целата кривична, материјална, морална одговорност и јас лично како Јовица Угриновски ќе им исплатам оштета ако ја побараат. Вториот начин е да ги идентификуваат оние луѓе во МПЦ кои ги прекршиле Божјите заповеди и да се оградат од ова, во спротивни и тие се соучесници“, нагласи Угриновски.
Федерацијата денеска ја презентираше поголемата акција која ја спроведуваат нејзините членови за „Враќање на планинарските домови на планинарите“ и беа најавени нови активности со цел спречување на самоволието на поединци и институции на сметка на љубителите на природата. Поддршка добија од најголемиот број на клубови од цела Македонија, како и од меѓународни институции и поединци.