Федерацијата на планинарски спортови на Македонија формира специјална комисија која ќе ги анализира околностите под кои загинаа планинарите Калина Велевска и Александар Миновски.
Во соопштението објавено на нивната веб страницата се истакнува дека комисијата е
составена од нивни членови и експерти кои по добивањето на сите релевантни податоци од
надлежните институции во Македонија и Грција и официјалните податоци од организаторот на планинарската експедиција, ќе направат детална анализа.
„Од огромна важност за Федерацијата ќе биде да се направи темелна анализа за трагичниот
настан. Болката и тагата за прерано згаснатите животи не може да се надомести со ништо, но
вистината за трагичниот настан заслужува да ја знаат семејствата, планинарите и нашите
членови. Во меѓувреме сакаме да се воздржиме од шпекулации и дезинформации за настанот, затоа што ваквите настани заслужуваат темелна и длабока анализа во соработка со сите надлежни институции“, се вели во соопштението.
По добиените официјални информации и сознанија, ФПСМ најави дека ќе излезе со свој став за овој немил настан.
Семејствата за загинатите вчера преку писмо изразија сомневање во професионалноста на
организаторите на турата и бараа одговорност.
Двајцата планинари загинаа при искачување на планината Кајмакчалан изминатиот викенд