По шест часа целосен крах, Фејсбук, Инстаграм, ВацАп и Месинџер повторно профункционираа по најтешкиот пад на компаниите во сопственост на Марк Закерберг уште од инцидентот во 2019 година, кога социјалната мрежа беше недостапна повеќе од 24 часа.
Фејсбук соопшти дека падот настанал поради проблеми со конфигурацијата, а компанијата додава дека не верува дека било какви податоци на нивните корисници биле компромитирани во меѓувреме.
Додека Инстаграм покажуваше порака за грешка во серверот, сајтот на Фејсбук само покажуваше дека постои некаков проблем.
„Нашите тимови инженери открија дека промени во конфигурација на нашите рутери, кои го координираат мрежниот сообраќај меѓу податочните центри, направил прекин на оваа комуникација. Ова имало домино ефект на начинот на кој нашите центри за податоци комуницираат и тоа предизвикало прекин на нашите сервери“, соопштија од Фејсбук.
Како што пишува порталот Верџ, внатре во Фејсбук крахот ги нарушил речиси сите внатрешни системи за комуникација на вработените во компанијата. Неколку вработени за порталот изјавиле дека биле принудени да комуницираат преку службените мејлови на Аутлук.
Од Верџ пишуваат и дека инженерите на Фејсбук биле испратени физички да ги ресетираат американските сервери за податоци со цел да се реши проблемот.
Неделава ова е втор голем удар за Фејсбук, откако претходно Франсес Хоуген, поранешна вработена во компанијата, сведочеше дека компанијата е целосно свесна дека нивните платформи се користат за ширење на омраза, насилство и дезинформации и дека Фејсбук се обидувал да ги скрие тие докази.