Од денеска Фејсбук и Инстаграм на корисниците во Соединетите Американски Држави ќе им овозможат опција да ги исклучат политичките реклами на нивните платформи.
Оваа одлука, која доаѓа во пресрет на американските претседателски избори кои треба да се одржат во ноември, ја соопшти сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг.
„Преку давање на глас на луѓето, регистрирање гласачи и превенирање на надворешни влијанија, верувам дека Фејсбук ја поддржува и ја засилува нашата демократија во 2020 и понатаму. А, оние од нас, кои веќе одлучиле и само сакаат изборите да завршат, го слушаме вашиот глас и воведуваме можност за исклучување на политичките реклами. И понатаму ќе ве потсетиме дека треба да гласате“, напиша Закерберг во колумна за Ју-Ес-Еј Тудеј.
Фејсбук и претходно сподели планови дека сака корисниците да гледаат што е можно помалку политички реклами, но новината е дека наместо „помалку“ сега корисниците ќе можат целосно да ги исклучат ваквите содржини на своите профили.
Од компанијата велат дека корисниците ќе можат да ги исклучат сите социјални теми, изборни и политички реклами од кандидатите за претседател, партиите и други организации кои ќе имаат ознака „платено од…“. Истата опција ќе биде овозможена и на Инстаграм платформата која е во сопственост на Фејсбук.
Фејсбук изминатиов период беше критикуван поради тоа што не сакаше да преземе никакви чекори по објавата на претседателот Доналд Трамп – „кога ќе почнат кражбите, ќе почне и пукањето“ како одговор на протестите против расните неправди и полициската бруталност, што само дополнително ја вжешти атмосферата во земјата.
Твитер оваа порака на Трамп ја означи со напомена дека „го велича насилството“, а како спротивност на Фејсбук, оваа социјална мрежа ги забрани сите политички реклами уште минатата година.
„Не е веродостојно од нас да кажеме – работиме напорно луѓето да не ги користат нашите системи за ширење дезинформации, но доколку некој ни плати за да принудува луѓе да гледаат политички реклами… тогаш… можат да кажат што и да сакаат!“, напиша тогаш сопственикот на Твитер, Џек Дорси, во своевидна критика кон политиките на Фејсбук.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.