Мета, Гугл и Тикток ги блокираа руските државни медиуми РТ и Спутник во Европа, соопштија од компаниите.
Овој потег значи дека Фејсбук и Инстаграм страниците и профилите кои припаѓаат на РТ и Спутник повеќе нема да бидат пристапни од земјите на Европската Унија, информираше компанијата Мета, под чија сопственост се наоѓа Фејсбук, пренесе Еуроњуз.
„Добивме бројни барања од повеќе влади во ЕУ да преземеме дополнителни чекори во врска со руските медиуми под државна контрола. Поради вонредната природа на моменталната ситуација, ние ќе го ограничиме пристапот до РТ и Спутник низ ЕУ во овој период“, напиша на Твитер заменик-претседателот на Мета за глобални прашања, Ник Клег.
Денеска и Гугл соопшти дека ќе го ограничи пристапот до РТ и Спутник со тоа што нивните Јутјуб канали ќе бидат забранети да се прикажуваат низ Европа.
„Поради моменталната војна во Украина, од овој момент ги блокираме Јутјуб каналите поврзани со РТ и Спутник низ Европа. Нашите тимови постојано ја мониторираат ситуацијата за да се преземат итни активности“, соопштија од компанијата.
Социјалните медиуми веќе беа под притисок да ги прилагодат нивните платформи по руската инвазија врз Украина. Денешните одлуки следат по вчерашниот став на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен, која ги претстави санкциите од ЕУ против Русија и нејзиниот сојузник, Белорусија.
„Ќе ја забраниме медиумската машинерија на Кремлин во ЕУ. Државните РТ и Спутник, и нивните подружници нема повеќе да можат да шират лаги за оправдување на војната на Путин. Развиваме алатки со кои ќе ги забраниме токсичните и штетните дезинформации во Европа“, рече Фон Дер Лејен.