Фејсбук повеќе нема да дозволува реклами кои таргетираат лица под 18 години засновано на нивните интереси и нивната активност на интернет, соопштија од социјалниот медиум.
Оваа промена значи дека огласувачите наскоро ќе можат да ги таргетираат малолетните лица само според нивната возраст, род и нивната локација на Фејсбук, Месинџер и Инстаграм, пишува Ројтерс.
Приодот на Фејсбук кон малолетните корисници на платформата беше тема на дебата откако американските законодавци и јавниот обвинител ги осудија протечените планови за покренување на Инстаграм верзија за деца под 13 години. Претходно оваа година група на повеќе од 40 државни обвинители испратија писмо до сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг, со барање да се откаже од таа идеја.
Неколку други големи компании во сферата на социјални медиуми исто така објавија свои верзии од апликациите наменети за помлада публика – Од Месинџер Кидс на Фејсбук, до Јутјуб Кидс во сопственост на Гугл.
Промоторите на оваа идеја спорат дека децата веќе се застапени на нивните платформи и дека детски верзии ќе обезбедат побезбедно окружување. Но, критичарите тврдат дека Фејсбук не треба да се обидува да ги навлече младите на нивните сервиси поради ризиците по нивниот развој, ментално здравје и приватноста.
Потврдувањето на возраста на децата е проблем на многу од социјалните медиуми, кои не дозволуваат деца под 13 години на нивните платформи, но во најголем дел не успеваат да ги идентификуваат и отстранат децата со помала возраст.