Компанијата Фејсбук, која е под критики и притисок од регулаторите и законодавците поради нејзините бизнис практики, планира да се ребрендира со ново име кое ќе биде фокусирано на метаверзумот, објави порталот „The Verge“.
Новото име треба да биде соопштено следната недела, а потегот има цел компанијата да се раздвои од името на нејзиниот најпопуларен продукт – Фејсбук социјалната мрежа.
Со ребрендирањето, Фејсбук, како платформа, треба да биде поставена како еден од повеќето продукти кои се во сопственост на компанијата, во која се вклучени и брендовите како Инстаграм и Вац Ап.
„The Verge“ пишува дека ребрендирањето треба дополнително да ја раздвои футуристичката работа на сопственикот Марк Закерберк на која тој е фокусиран по интензивните негативни критики кон социјалната мрежа Фејсбук.
Поранешен вработен во компанијата неодамна објави бројни интерни документи кои покажуваат дека Фејсбук е целосно свесна дека нивните платформи се користат за ширење на омраза, насилство и дезинформации и дека компанијата се обидувала да ги скрие тие докази. Истовремено регулаторите во САД и другите земји од светот се обидуваат да ја расцепкаат компанијата, додека јавната доверба во начинот на кој се управува со Фејсбук драстично опаѓа.
Фејсбук не е прва голема технолошка компанија која го менува името со растот на нејзините амбиции. Во 2015 година Гугл целосно се реорганизираше под холдинг компанијата Алфабет, со што испрати сигнал дека повеќе не станува збор само за интернет пребарувач, туку конгломерат од компании кои произведуваат разни производи – од здравствени технологии до автономни возила.