Компанијата Фејсбук прави продукциски тим за да работи на „метауниверзум“, дигитален свет каде луѓето можат да се движам меѓу различни уреди и комуницираат во виртуелна средина, пренесува Ројтерс.
Тимот ќе биде дел од организацијата за виртуелна реалност на компанијата, потврди директорот на групата Ендру Босворт во објава на Фејсбук.
„Можете да размислите за метауниверзумот како олицетворен интернет, каде наместо да гледате само содржина – вие сте во неа“, изјави извршниот директор Марк Закерберг за „Д Врџ“ во интервју минатата недела.
Фејсбук, најголемата социјална мрежа во светот, вложи многу во виртуелната реалност и зголемена реалност, развивајќи хардвер како слушалките Окулус ВР и работи на АР очила и технологии за нараквици.
Компанијата купи и голем број на студии за игри со виртуелна реалност, вклучувајќи БигБокс ВР. Има околу 10.000 вработени кои работат на виртуелна реалност, објави Фејсбук во март.
Закерберг смета дека има смисла да се инвестира повеќе за да се обликува „следната голема компјутерска платформа“.
„Верувам дека ‘метауниверзум’ ќе биде наследник на мобилниот интернет и создавањето на оваа група производи е следниот чекор до неговата изградба“, рече тој во свој пост во Фејсбук.
Закерберг за „Д Врџ“ изјави: „Ако го направиме ова добро, мислам дека во следните пет години или приближно, ефективно ќе преминеме од она што луѓето гледаат дека првенствено сме компанија за социјални медиуми – во компанија на метауниверзум“.