Најголемата светска социјална мрежа Фејсбук објави крупна промена – по примерот на најголемиот ривал, Твитер, ќе ја воведе опцијата за групирање на темите и постовите со хаштагови – „#“. Овој потег се гледа како обид на Фејсбук да ја достигне „актуелноста“ на Твитер, особено во ситуации кога се случуваат важни светски вести, спортски настани и телевизиски премиери.
Хаштагот им овозможува на корисниците полесно да следат одредени теми или настани и да коментираат на нив, со пребарување на клучни зборови, на пример #избори. Хаштаговите се докажаа како добар систем за доближување на корисниците кога се случуваат настани како политички дебати, телевизиски серии и спортски натпревари. Ова отвора нови маркетиншки можности за Фејсбук – ќе биде полесно да се таргетира специфична група корисници кои се интересираат за одредена тема, што е една од причините зошто компанијата се реши на оваа новина.
„Помеѓу 88 и 100 милиони Американци се логираат на Фејсбук секоја вечер во централниот телевизиски термин, што претаставува важна можност за телевизиите, рекламните агенции и другите наши партнери. Последната епизода на серијата „Game of Thrones“ генерира 1.5 милиони „спомнувања“ на Фејсбук“, напиша Џастин Ософски, директор во Фејсбук во својот блог пост.
Според најавите, хаштаговите се првата од повеќе крупни промени кои ќе ги воведе компанијата, во надеж дека тоа ќе ја поттикне дискусијата за актуелните настани. Новата опција засега им е достапна на 20 проценти од корисниците на Фејсбук, односно близу 200 милиони акаунти. Сите корисници на Фејсбук ќе ја добијат во следните недели.