Претставници на над 1.300 музичари и членови на шест сродни музички здруженија, денеска повторно реагираа и најавија протест за наредната среда, бидејќи власта досега немала слух и разбирање за нивните барања за финансиска помош. Истовремено, сметаат дека е време да започнат со свирки, со оглед дека пандемијата се потсмири и угостителите ги отворија вратите.
Јавниот повик на Владата за шестиот пакет мерки, т.е. мерката број 4, каде се опфатени музичарите, требало да се подготви со нивна консултација, велат тие, но тоа не се случило.
Бараат рокот од 25-ти мај да се пролонгира до 1 јуни. Повикот има повеќе контрадикторности и нелогичности, сметаат, пример со поддршката од 30.700 денари, иако самите побарале 42.000 денари – таква би добиле оние со месечен приход под 15.000 денари за 2020 година.
„Нема логика да се бараат податоци за минатата година, за прометот и заработката на музичарите. Тоа е малку смешно, бидејќи самата 2020 година не беше целата ‘пандемиска’. Луѓе веќе имаа заработки, а каква врска има тоа со оваа година, кога се знае дека од јануари до денес никој нема денар земено?!“, праша Трајко Симоновски, од „Музика-Сега“, едно од шесте здруженија.
Тој побара во јавниот повик да влезат и т.н „социјални случаи“, односно примателите на социјална помош, како и слободните и самостојни уметници.
„Зошто би биле изоставени? Прво, бројката не е толкава за да би било оптеретување за државата, а, второ, целава ситуација има хумана страна. Ние овде не бараме заработка, бараме помош!“, нагласи Симоновски.
Смета дека начинот на аплицирање, со директно доставување на пријавата во Генерален секретаријат на Влада, а притоа прескокнувајќи ги здруженијата, е контрапродуктивен, непотребен и бирократски комплексен.
Критериумите, нагласува тој, не кореспондираат со реалноста. Оттука, јавниот повик не го прифаќаат како таков и најавуваат дека ќе ги искористат сите расположливи средства за акција, од причина што само мал процент, 2-3% музичари, ги исполнуваат наметнатите услови.
„Сите можни параметри што се вметнати во конкурсот делува како да се вметнати за да се намали бројката. Тоа за нас е неприфатливо! Знаеме дека бројката е мала, не станува збор за милиони евра, туку за многу помалку. Можат да го решат без проблем. На крајот на краиштата, само оваа фела, музичарската е 100% ограничена. Угостителите може да продаваат кафе или пиво. Ние не можеме да свириме!“, нагласи Симоновски.
Тој додава дека конечно е време за пуштање на фелата да почне да работи.
„Нема причина тоа да не се случи. Кафаните се полни, луѓето прават журки, петоци и саботи цел град ечи, па нема причина и понатаму да седиме дома и да бараме помош“, посочи тој.
Независната угостителска комора веќе побара укинување на работното време на угостителите, но и олеснувања за музички настапи. Односно, меѓу другото, укинување на нивото на бучава до 55 децибели, и укинување на делот кај што се забранува настан со музички уметници во отворен и затворен дел од објектот (пејачи/музички групи/диџеи).
„Ние сме испреплетени со барањата, иако имаме наши оригинални барања, многу од работите функционираат паралелно. Комората ни се пријатели, имаме одлични контакти, но во оваа ситуација сме професионална фела што се интересира за конкретно за музичарите. Следните чекори се правење комора и повисоки инстанци. Од таа позиција, понатаму ќе договараме и со Угостителската комора“, вели Симоновски за Радио МОФ.
Исто така, дел од музичарите по денешната прес-конференција коментираат дека се дискриминирани околу вакцинацијата.
„Бевме окривени како ‘главни виновници за ширење на заразата’, но, тогаш, зошто навремено не бевме вакцинирани – за да вршиме дејност? За нас нема никаков систем, ниту приоритети, кој ќе ги става музичарите напред во системот, за да можат да продолжат да работат“, вели еден од музичарите.
Бојан Шашевски