Група млади луѓе од Кочани, во соработка со студентската организација „Излез“ организираат мини-фестивал овој вторник (6 август) на кој ќе настапат пет македонски бендови. Настанот ќе се одржи на градскиот базен во Кочани, со почеток од 21 часот, а влезот е слободен.
Програмата ќе ја сочинуваат бендовите „ХАХАХА“, „Fighting Windmills“, „Molokai“, „TV Rage“ и „Anna O.“
„ХАХАХА“ е скопски бенд кој зад себе има два одлично прифатени албуми инспирирани од звукот на „Hüsker Dü“ и „Rites of Spring“, како и неколку европски турнеи. Членовите се дел и од најистакнатиот македонски бенд „Bernays Propaganda“ и од веќе непостоечкиот хардкор состав „FxPxOx“.
„Fighting Windmills“ е скопскиот бенд кој во моментот го подготвува својот трет албум „Рапсодии во празно“ со кој го реинвентираат својот звук и вклучуваат елементи на експериментален џез, noise и алтернативен рок. По настапот во Скопје ова ќе биде второ претставување на новиот материјал.
„Мolokai“ е битолски сурф-панк бенд кој брзо се наметна како една од најинтересните појави на алтернативната сцена. Зад себе го имаат својот деби албум „You surf, we send piranhas“, балканска турнеја и низа настапи низ Македонија.
„TV Rage“ е млад бенд од Куманово сè уште актуелен со своето прво EP „Riot from the ground“ издадено на почетокот на јуни. Нивниот звук е мешавина на панк, гранџ и гараж.
„Anna O.“ е кочански пост-панк бенд, кој за прв пат ќе свири пред домашната публика. Формирани пред крајот на минатата година, тие имаа неколку настапи низ Македонија, а во моментот активно работат на нивниот деби албум. Песни од нивното прво демо се достапни за бесплатно преслушување.
Извор: Плусинфо