Фестивал на детски мјузикли во МКЦ

Со „Приказната за генијалната Матилда“, изведена на македонски јазик од членовите на Студиото за детски и младински мјзикли „Бродвеј јуниор“ од Скопје, вечерва (4 јуни) со почеток во 19 часот, стартува фестивалот посветен на мјузикли за деца и млади.

„Фановите на Матилда нема да сакаат да ја пропуштат оваа шанса да пеат заедно со „Чудо“ (Miracle), „Кога ќе пораснам“ (When I Grow Up), Деца на револтот“ (Revolting Children) и други познати песни од оваа топла приказна за извонредно девојче со неверојатни моќи“, велат организаторите.

Вториот ден (5 јуни), фестивалот продолжува со изведбата на „Кралот Лав“ од страна на ученици од Интернационалното училиште QSI во Скопје.

„Ова е уникатна можност да се видат на сцена омилените филмови, каде раскошните мелодии се збогатени со раскошни костими. Мјузиклот, кој е сплет на сите уметности во едно, е реткост да се види на нашата сцена, особено кога децата настапуваат за деца. Веруваме дека овој фестивал ќе расте од година во година и ќе прерасне во меѓународен настан“, вели директорката на ДКЦ Карпош, Билјана Лалчевска-Серафимовска

Фестивалот е во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ во соработка со Здружението за инклузивно и неформално образование КРЕО – АКСИС, со поддршка од Град Скопје.