„Сакура“ е новото име на фестивалот на јапонска култура, трети по ред, кој ќе се случи на 1 јуни во Младински Културен Центар (МКЦ), во организација на Јапан@мк.
„Под слоганот ‘Расцути ја иднината’, фестивалот оваа година ќе даде фокус на јапонското учење за тоа како да ја почитуваме природата и да создадеме подобра иднина за сите, фрлајќи светло на нашата лична одговорност и ангажираност за тоа каква иднина ќе доживееме како заедница“, посочува Билјана Кочоска, основач на организацијата.
Целокупната програма ќе вклучува уметнички изложби од реномирани и млади уметници, настапи и перформанси, панел-дискусии, мода, презентации, разновидни работилници, боречки вештини, гејминг натпревари и многу забава. Исто така, ќе може да се проба јапонска храна и да се набават сувенири, но ќе има и многу други активности како аниме-квиз и тетовирање во живо.
„Програмата содржи вкупно 45 активности со над 200 учесници кои ќе се објавуваат постепено. Учесниците ќе бидат домашни, но ќе има и гости од Јапонија. Секоја година има ‘нова крв’, и млади и постари, од сите генерации. Еве сега имавме повик за соработници и за два дена се пријавија 28 луѓе од 17 до 57 години“, вели Кочоска.
Таа истакнува дека јапонската култура и традиција има голема почит кон природата и е вткаена во секој дел од нивното живеење, во обичаите и навиките од секојдневниот живот, развојот на технологијата и архитектурата и дека потребно е да учиме од нив. Исто така, се надева на иднина во која човекот не ја уништува природата, живее во хармонија со неа и само повеќе овозможува таа да се развива во својот полн сјај.
Воедно, со „Сакура“ ќе се одбележи и јубилејот на 30-годишнината од воспоставувањето на јапонско-македонските дипломатски односи.
„Фестивалот е уникатно искуство кое го нема на ниту еден друг настан во државата. Доаѓа публика од сите генерации и со различни, па дури и спротивни интереси“, заклучува организаторката.
Фестивалот за прв пат се одржа во 2022 година под името „Нихон-Џи“, броеше 150 учесници на спроведените гејмерски и костимски натпревари и привлече околу 2.000 посетители од сите возрасти. Додека пак, минатогодишното издание под симболично име „Неонски бранови“, имаше за цел да ја доближи јапонската напредна технологија, кибернетиката, вештачката интелигенција и неонската естетика и беше посетен од над 3.000 луѓе.
View this post on Instagram
Од Јапан@мк велат дека до промена на името од „Нихон-Џи“ во „Сакура“ дошло поради нивната желба симболично да ја раскажат приказната за непостојаноста на убавината, која треба да ја доживуваме и негуваме кога се случува околу нас. Поточно, Сакура се нарекува цветот на црешата и претставува важен јапонски симбол на среќа, нови почетоци. Воедно е и пролетен празник во Јапонија, периодот кога цветаат црешите и кој ја симболизира минливоста на животот и на елегантноста која умира кога ќе го достигне врвот на убавината.
„Тоа е моментот кој ги повикува луѓето да застанат и да го доживеат моменталното, восхитувајќи се на она што е минливо“, поентира Кочоска.
Групата ентузијасти и љубители кои ја започнале оваа организација, единствената која се занимава со промовирање на јапонската култура, имаат за цел да ги прошират идеите за подобрување на нашето општество со огледување на високо квалитетна и богата култура. Нивната мисијата е унапредување на културата во нашата земја преку претставување на наши таленти кои се стремат кон задоволување на тие високи критериуми и се инспирирани од јапонскиот дух.
„Со фестивалот ‘Сакура’ сакаме да ги претставиме креативните и квалитетни луѓе од нашата земја во еден простор со заедничка инспирација од една далечна источна земја, повикувајќи кон општествена одговорност и негување на вредности како солидарност, соработка и себеунапредување“, истакнуваат од Јапан@мк.
Но, за да ја „расцутиме иднината“, мора да започнеме од времето во кое живееме. Па токму затоа, оттаму повикуваат на загревање со журката „Киберпанк – техно-фобија“ која ќе се случи на 6 април во клубот „Фортрес“ во Стара скопска чаршија, а ќе биде рефлексија на времето кое го живееме.
Ангела Петкова