Фестивал на неми и класични филмови од 10 до 16 август во Кинотека

Проекциите на класични филмови и наслови од ерата на немиот филм во Кинотеката веќе прераснаа во Фестивал на неми и класични филмови. Кинотеката за августовската програма, во периодот од 10 до 16 август избра неколку наслови кои биле целулоиден, 35 милиметри, печат на времето, а денес ги гледаме во нови формати и во нивните дигитални и реставрирани верзии.

На платното во летното кино во Кинотеката ќе може да се погледнат иконите на францускиот „нов бран“ ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ (À bout de souffle / Breathless) од 1960 на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard), 400 УДАРИ (Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows) од 1959 на Франсоа Трифо (François Truffaut), ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА (Un homme et une femme / A Man and a Woman) од 1966 на Клод Лелуш (Claude Lelouch), како и трилогијата на Александар Довженко (Alexander Dovzhenko), украински режисер од ерата на Советскиот Сојуз, составена од немите филмови ЗВЕНИГОРА (1928), АРСЕНАЛ (1929) и ЗЕМЈА (1930).

„До последен здив“

Дел од овој кинотечен фестивал  се и кино-журналите ФИЛМСКИ НОВОСТИ: ПРИКАЗНИ ОД МАКЕДОНИЈА, потоа ГАЛИЧНИК на Сифрид Миладинов од 1940, германско-францускиот документарец СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА (With the Greeks in the Firing Line) од 1913, како и колажот од домашни видеа снимени на 8-милиметарска лента групирани под наслов ТАЈНИТЕ АРХИВИ НА ГРАДОТ: Втора приказна – и се дел од селекцијата наслови поврзани со домашната кинематографија – професионална и аматерска.

Фестивалот на неми и класични филмови ќе започне на 10 август во 20 часот со проекцијата на филмскиот проект ТАЈНИТЕ АРХИВИ НА ГРАДОТ: Втора приказна, а веднаш потоа ќе биде прикажан филмот ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ (À bout de souffle / Breathless) на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard). На 11 август, со почеток во 20 часот ќе биде прикажан избор од познатите журнали „Филмски новости 1945-1948“ кои содржат репортажи од Македонија (дел од проектот Прибирање материјали од странски архиви), по што ќе следува проекција на филмот 400 УДАРИ (Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows) на Франсоа Трифо. На 12 август со почеток во 20 часот ќе биде прикажан филмот ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА (Un homme et une femme / A Man and a Woman) на Клод Лелуш.

„Еден човек и една земја“

Фестивалот ќе го започне проектот ТАЈНИТЕ АРХИВИ НА ГРАДОТ: ВТОРА ПРИКАЗНА, проект на Вардар Филм чиј автор е Катарина Габунија, а е финансиски поддржан од Град Скопје и реализиран во соработка со Кинотеката. Станува збор за продолжение на првиот, од публиката многу позитивно прифатен и гледан  колаж од снимки направени на 8-милиметарски ленти, кои беа собрани преку јавен оглас.

Снимките се направени од граѓани на Скопје кои ги забележале приватните моменти од своето секојдневие на филмска лента, и тие аматерски, домашни филмчиња од 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век од страна на Габунија и нејзината екипа се дигитализирани, тематски групирани, озвучени и организирани како приказни за градот и животот во него.

Фестивалот продолжува со најзначајните претставници на францускиот Нов бран. Имено, групата млади филмофили во Париз, собрани околу критичарот и теоретичар Андре Базен и списанието „Филмски тетратки“ (Cahiers du Cinéma) во доцните 50-ти години на минатиот век-решаваат да го сменат филмот на тој начин што самите ќе снимаат филмови, наместо само да пишуваат за нив. Метафорички, од улица влегле во кинематографијата за да го однесат, вратат филмот – назад на улица. Тие – Трифо, Годар, Лелуш и нивните пријатели, колеги и истомисленици – го предизвикаа новиот бран во француската и светската кинематографија.

„Земја“

Фестивалот на неми и класични филмови ќе ја прикаже и познатата и значајна трилогија на Александар Довженко (Александр Петрович Довженко, 1894–1956), пионерот на украинскиот исоветскиот филм од 1920-итте (заедно со Сергеј Ејзенштејн, Всеволд Пудовкин, Ѕига Вертов, итн.). Неговите ЗВЕНИГОРА, АРСЕНАЛ и ЗЕМЈА се тематски различни, но со заедничка естетска нишка, оценувани со епитетите како „чиста поезија“ и „визуелна симфонија“.

Пред проекцијата на ЗВЕНИГОРА, кој е на програмата на 13 август, од 20.00 часот свое предавање на тема „Историјата на украинскиот филм: Од Довженко до Довженко центар“ ќе одржи и Арсени Книазков, филмски истражувач од Довженко центарот во Киев. Националниот центар „Александар Довженко“ (Довженко центар) е најголемата украинска филмска архива со обемна колекција филмски материјали која вклучува 7.000 играни филмови, документарни филмови, украински и странски анимирани филмови и илјадници архивски записи од историјата на украинската кинематографија. Проекцијата на филмовите АРСЕНАЛ е на 15 август додека пак филмот ЗЕМЈА ќе биде прикажан на 16 август со почеток во 20 часот.

„Арсенал“

Од архивот на Кинотеката ќе биде прикажан избор од познатите журнали „Филмски новости 1945-1948“ кои содржат репортажи од Македонија. Кинотечниот бисер, документарецот ГАЛИЧНИК во режија на Сифрид Миладинов кој е филмски, етнографски и историски раритет снимен во 1940 година, на 16-милиметарска филмска лента во колор. ГАЛИЧНИК  ќе биде придружуван со музика во живо од страна на гитаристот Валентин Илиевски. Овој избор завршува со филмот СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА на германскиот снимател Роберт Швобталер (Robert Schwobthaler) кој за потребите на германски продуценти следел и снимал настани за време на Балканските војни во 1913.

Сите наслови од овој фестивал се „ филмска класика“ – сами по себе и на свој начин.

Програмата на Фестивалот на неми и класични филмови – филмовите на Довженко и францускиот „нов“ бран – е реализирана во соработка со Амбасадата на Украина во РС Македонија т.е. Центарот Довженко – Киев и Францускуот иститут од Скопје.

Целата програма ОВДЕ.