Фестивалот „Егзит“ покрена иницијатива за садење 1 милијарда дрвја во Србија

Српскиот музички фестивал „Егзит“ започна „Зелена Р:Еволуција“. Организаторите неодамна покренаа иницијатива заедно со неколку локални еко-организации за масовно пошумување, која беше усвоена од српската влада. Идејата е да се зголеми шумската површина на земјата за скоро 50 отсто.

Во моментов, 28 отсто од територијата на Србија е покриено со шума, а крајната цел е оваа бројка да достигне најмалку до 40 отсто. Ова зголемување значи дека Владата вети дека ќе засади скоро 1 милијарда дрвја во наредните години како борба против климатските промени.

„Егзит“ неодамна доби поддршка од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за пошумување на планината Фрушка Гора во Србија. Во своето отворено писмо, таа истакна дека заштитата на животната средина е највисок приоритет на Европската унија и ја најави иницијативата „Зелена зделка“ која има за цел Европа да ја направи првиот климатски неутрален континент.

„Егзит“ планира да ги собере на едно место и да им даде видливост на бројни еколошки организации, низ целиот свет, на своето претстојно 20-годишно издание што ќе се одржува од 9-ти до 12 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад.

За прв пат, фестивалот во своите преноси во живот ќе воведе видеа и пораки за животната средина. Покрај подигнување на свеста за климатските промени и кризата во животната средина, публиката од целиот свет ќе може да избере организации за кои сакаат директно да донираат. На овој начин, луѓето ќе можат да ги номинираат и поддржат своите локални организации за животна средина, како и да изберат да им помогнат на оние што делуваат на глобално ниво.

Фестивалот годинава ги поканува младите од целиот свет да се приклучат на борбата за зачувување на целиот живот на Земјата со пораката: „Само обединети можеме да направиме вистина промена“.