Фестивалот на краток филм „Филмај“ денеска објави конкурсот за пријавување кратки филмови за петтото издание на фестивалот.
Организаторите посочуваат дека кратките играни филмови со траење до 20 минути и кои се завршени после 1 јануари 2021 година ќе можат да се пријават преку платформите „FilmFreeWay“ и „festhome“ до 31 март идната година.
„Филмовите може да конкурираат за награда ‘Лазар Ѓорѓевиќ’ за најдобра режија, награда ‘Радислав Ристевски’ за најдобра фотографија/ кинематографија, награда ‘Koзјак’ за најдобрo сценарио и награда ‘ФИЛМАЈ’ за најдобар краток филм. Македонските, домашни филмови може да конкурираат за награда за најдобар македонски филм, а може да се пријават во меѓународна конкуренција за горенаведените награди“, велат од „Филмај“.
Фестивалот е планирано да се одржи во две последователни вечери на локација на отворено во Куманово во мај 2023 година, посочуваат од фестивалот и додаваат дека претходница на главната фестивалска вечер ќе биде проекциска ревија на филмови од претходните изданија на „Филмај“, како и промоции на книги со филмска тематика од македонски автори.