Светската организација на непрофесионален филм УНИКА, која е патрон на Интернационалениот фестивал на аматерскиот непрофесионален документарен филм „Камера 300“ кој се одржува во Битола, годинава му ја додели Златната плакета на Стојан Стојановски, директорот на Народна техника-Битола.
Стојановски ја добива оваа награда за придонесот во развојот на аматерскиот филм во Македонија и популаризација на оваа дејност во земјава и светот, информираа од организацискиот одбор на 21-то издание на ФАДФ „Камера 300“.
„Ова награда ќе ме мотивира како досега така и во иднина да придонесувам за фестивалот на аматерскиот документарен филм, посебно во нашата држава бидејќи во минатите години бројот на пристигнати филмови на ФАДФ „Камера 300“ од домашната продукција беше многу поголем, наспроти бројот на филмови од странство, но во последниов период ситуацијата е значително променета. За жал, тоа е резултат на згаснувањето на неколкуте аматерски филмски школи низ државата, и единствено остана кино школата „Филмско студио Милтон Манаки“, истакна Стојановски.
Според него, мора да се реактивираат школите, да бидат активни и инвентивни бидејќи само на тој начин ќе бидат поддржувани од надлежните институции.
На ФАДФ „Камера 300“ во Битола ќе бидат жирирани 41 филм од 12 држави, односно од САД, Русија, Италија, Германија, Словенија, Турција, Англија, Србија, Бугарија, Македонија, а првпат ќе има учесници од Романија и Индија.
21 издание на ФАДФ „Камера 300“ ќе се одржи на први и втори ноември во Битола.