Петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, ќе се одржи од 20 до 27 април во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар Лабораториум.
Како што информираат организаторите, фестивалот во кој се вклучени 5 концертни настапи, ќе се одржи во чест на Мирко Попов, кој заедно со Владан Дробицки се идејни творци.
„Иновативноста во градење на фестивалската програма е присутна како во творештвото на авторите кои настапуваат на фестивалот, така и во начинот на презентација на нивната музика. Ова е особено евидентно во годинашното фестивалско издание преку интердисциплинарниот пристап на програмата која ги надминуваат границите на уметничките дисциплини и музичките жанрови спојувајќи џез, електроника, современа музика, поезија и проза“, рече Виолета Качакова, дел од тимот на КВЏ.
Според програмата, на отворањето на фестивалот на 20 април во Лабораториум во 21 часот ќе настапат „Cobalt Code Unit“ , додека пак на 23 април во Македонската филхамонија, во 20 часот, публиката ќе може го проследи музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова на пијано и Тина Иванова, како автор на текст и наратор на приказна. Веднаш потоа во 21 часот следи концерт на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски со музика на Кире Костов.
На 27 април во Лабораториум во 21 часот вечерта ќе започне со концерт на „Macedonian Free Society“, а во 22 часот ќе следи настапот на „Поетроника“ кој на публиката ќе и понуди спој на македонската поезија со современа електронска музика. Поезијата ќе ја интерпретира актерот Оливер Митковски, во придружба на современа електронска музика во авторство и изведба на Андреја Ристески-Салпе.
„Нудиме програма, која ќе се разликува од се што работевме досега – храбра и оригинална музика. Промовираме нови проекти, кои кокетираат со авангардните музички стилови ‘Кобалт Код Унит’ и ‘Маседониан Фри Сосајати’. Со ‘Поетроника’ ни се виде интересен спојот на избрана македонска поезија и музичка подлога, сублимат на модерни електронски стилови. Како контраст, избравме камерен концерт со музика на една од најпродуктивните македонски композиторки Ана Пандевска во изведба на Дуња Иванова и надополнета со текст и нарација на Тина Иванова. Едновремено, му оддаваме почит на еден од најголемите македонски музичари, кој творел и работел во областа на џезот и оставил огромна трага во современата поп музика, господинот Кире Костов“, изјави Владан Дробицки кој заедно со Попов ја креираа програмата за фестивалот.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Повеќе детали за настанот може да најдете тука.
Онлајн продажбата на билети е достапна преку bileti.mk.