Фестивалот КРИК завршува со настанот „Низ патеките на (не)разумното – 300 години од раѓањето на Имануел Кант“

Деветото издание на КРИК фестивалот за критичка култура завршува во сабота (26 октмври) со настанот насловен „Низ патеките на (не)разумното – 300 години од раѓањето на Имануел Кант“.

Во партнерство со Гете институт – Скопје, Контрапункт му го посветува 26 октомври (сабота) на Имануел Кант, еден од најзначајните германски филозофи, по повод триста годишнината од неговото раѓање.

Перформативното критичко исчитување на клучните императиви на Кант за етичкото и убавото, ќе бидат
артикулирани во јавниот простор социо-културно, естетски и политички обележан со интервенцијата наречена СК2014, низ градската прошетка чија авторка е Ивана Драгшиќ.

„’По патеките на (не)разумното’ е нова итерпретација на прошетката низ центарот на градот, позната како ‘Скопје 2014’; кич тура. Чекорејќи низ грдата замисла за градот на само еден човек, спојуваме наративи и осознаваме како ‘Скопје 2014’; всушност е можно. На одредни точки од прошетката публиката ќе има ексклузивна можност да ja слушне и музичката интерпретација на оваа тема преку визјата на Алембик (Ива
Дамјановски и Виктор Танасковски), како и размислувањата на двајца реномирани германски филозофи Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг)“, се вели во најавата.

Прошетката ќе започне точно во 15:30 часот, пред Музејот на македонската борба за независнот и ќе трае до 17:30 часот.

Вториот дел од критичкото дијалогизирање со Имануел Кант ќе започне со панел дискусијата во КСП Центар – Јадро, со почеток во 18:30 часот. Со возбуда и радост ги најавуваме нашите панелисти: Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг) и Јасмина Поповска (Скопје). Модератор е Артан Садику, а воведничарка е Тијана Ана Спасовска.

Во завршницата на настанот ќе настапи на нашиот исклучителен музичар Јордан Костов.

Кантовата естетика, особено концептите за убавина и возвишено, може да се применат на новите знаменитости воведени од Скопје 2014, и воопшто, на клучните прашања кои креираат еден јавен, критички, и општествен простор. Фундаменталната идеја на Кантовата „критичката филозофија“ е човечката
автономија како предуслов за функционалната заедница.

Интердисциплинарниот настан „Низ патеките на (не)разумното“ има за цел да го испита односот помеѓу етиката и естетиката преку Кантовата перспектива, адресирајќи ги современите предизвици со кои се соочуваме во Европа, Балканот и поконкретно Северна Македонија.

„Токму затоа, во фокусот ќе ги имаме ‘етиката на единството’, која го нагласува управувањето со различностите додека промовира почит, автономија и заеднички просперитет и ‘естетика на хармонијата’, која истражува како концептите за убавото и возвишеното можат да поттикнат заедништво во регион кој се карактеризира со културен диверзитет. Со интегрирање на Кантовите императиви, кои ја нагласуваат слободата на самоопределување и улогата на разумот во етичките размислувања, имаме цел да ја нагласиме неопходноста од почитување на различностите и етичкиот третман на поединците во заедницата, додека се осврнуваме на комплексноста на урбаното планирање и културната политика“, велат организаторите на КРИК.