Третото издание на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку Езерото“ беше свечено затворено со доделување на наградите вчера во Дојран.
Меѓународното жири составено од Електра Венаки од Грција, Предраг Пеџа Милојевиќ од Србија и лауреатот на овогодинешниот фестивал на „Наградата Мето Јовановски“, актерот Владо Јовановски, решија Гран Прито за најдобар медитерански и балкански филм да ја добие грчката дистописка драма „Тишина 6-9“ на режисерот Христос Пасалис. Како што наведуваат од фестивалот, филмот припаѓа на новиот грчки таканаречен чуден филмски бран, предводен од светската кинематографска ѕвезда Јоргос Лантимос.
Наградата за најдобар краток филм ја доби овогодинешниот кански победник „Човекот кој не знаеше да молчи“, на Небојша Слепчевиќ кој раскажува кратка потресна пост-воена драма.
За најдобар режисер на медитеранот наградата беше доделена подеднакво на Александра Лазаровски од Србија, за краткиот филм „Ѕвездена“, социјална драма за две девојчиња во Белград кои останале без татко, и на режисерот Ѓорче Ставревски од Македонија за неговиот краток филм „Дали си маж“, во кој едно дете во Скопје без татко за првпат е ставено на тест за „храброста“.
Додека пак, специјално признание од фестивалското жири беше доделено на филмот „И покрај тоа што е ноќ“, на режисерот Гилермо Гарсија Лопез од Франција.
Оваа година за првпат беше формирано и студентско жири, со цел да се даде потполна антиципација на студентите по филм и телевизија. Тие, сосема спротивно на големото жири, одлучија дека најдобра медитеранска приказна е политичката драма „Руски Конзул“ на Мирослав Лекиќ од Србија, која се одвива во 70 – тите години на минатиот век во поранешна Југославија.
Исто така, студентите добиле можност да ги претстават своите најдобри приказни и да добијат грант за реализација на нивните дипломски филмови. Па така, грантови беа доделени на четири краткометражни филмови кои ќе се реализираат во следните дванаесет месеци, а македонска премиера ќе доживеат на следното, четврто издание на „Преку Езерото“.
Оваа година, исто така за првпат беше организирана работилница за деца и млади кои активно се запознаваа со проблемот на филмската писменост и стекнаа основни познавања за филмскиот јазик.
Фото: Фестивал „Преку Езерото“