Фестивалот „Сепак се врти“ ќе ја „сврти“ Македонија од 2 до 11 мај

Наместо целодневен музички настан на едно место, независниот музички колектив „Гола Планина“ годинава ќе го тера фестивалот „Сепак се врти“ низ повеќе градови – во вид на караран – со што ќе се здружи со истомисленици како „Пондер“, „Боилинг поинт“, „Гунгула“, „Ексцес фестивал“. Датите за свирки и настапи се најавени од 2 до 11 мај на шест локации.

„Се собраа луѓе од целата земја. На една гола планина посадија семе. Семето ‘рти. И сепак се врти. Фестивал со нова клима кој го навестува животот и новата страст. И сега, цвеќе цвета сред сешто сиво, или барем се труди, насекаде. Македонски музички борци, одекнуваат нивните зурли и тапани, светло претчувство при темни денови: ќе живне нашево поднебје.

Ќе се осмелиме да кажеме: ова е првиот фестивал од овој вид на овие простори, еден музички караван кој ќе ги постави своите тезги во Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица, Куманово и Скопје. Повеќе од 20 македонски артисти, распоредени со љубов во шесте наведени градови. Останете вклучени, со начулени уши и отворени очи, за повеќе вести!“, стои во најавата на „голопланинци“ и другарите.

Инаку, лани фестот се одржа на сцената „Лепеза“ во Градскиот парк во Скопје, каде имаше целодневна настава во природа со домашни бендови и музичари.

Целта и тогаш – и сега – е да се прикаже богатото македонското оригинално творештво, особено на новиот бран уметници, а притоа да се пркоси на зачмаеното стоење во место со музика и другарство.

Во продолжение, погледнете како беше лани на „Сепак се врти“:

[Фото] „Сепак се врти“ – целодневен музички фестивал во скопскиот Градски парк

Бојан Шашевски