Поетскиот фестивал Струшки вечери на поезијата (СВП) оваа година ќе се одржи од 26 до 30 август, со физичко присуство на домашни поети и на најголемиот дел од поканетите учесници од странство.
Како што информираат организаторите, помал дел од странските поети нема да можат да бидат физички присутни и ќе бидат претставени преку видео читања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.
„Специјално видео обраќање како и видео читање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, британската поетеса Керол Ен Дафи, која го најави своето физичко присуство на следното издание во 2022 година. Иако беше првично најавен како специјален гостин на јубилејното издание на СВП, минатогодишниот лауреат Амир Ор од објективни причини беше принуден да го одложи своето физичко присуство за следното издание“, велат од СВП.
На главните фестивалски читања ќе учествуваат повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата, но и од помладата генерација, а во склоп на програмата се предвидени меморијални чествувања на доајените на македонската поезија Анте Поповски и Богомил Ѓузел.
Како специјален настан, од СВП најавуваат дека е промоцијата на монографското издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“ како дел од Националната програма со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура.
Струшките вечери на поезијата ќе се одржат под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, со кои организаторите велат дека се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од лауреатите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.
Свеченото отворање и затворање на фестивалот ќе се одржи на покриената тераса на хотел Дрим. Истовремено, во останатите денови, од СВП велат дека претпладневната програма е предвидено да се одвива во конгресната сала на хотелот, додека вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Исто така, програмата на фестивалот целосно ќе се пренесува во живо на официјалниот Јутјуб канал на СВП.